Под ингеренции на МОН, од годинава 8 регионални центри за стручно образование и обука
Зголемениот интерес кај учениците за средна стручна едукација ја наметна потребата од зголемување на бројот на паралелки со дуално образование, но и подобрување на условите за практична настава во самите училишта. Со стартот на учебната година, ССОУ„Коле Нехтенин“ од Штип, премина под „државна капа“ и прерасна во Регионален центар за образование и обука.
-Во однос на инфраструктурата е планирано од оние училишни простории кои не се во функција да бидат опремени. Меѓутоа, она што за нас како стручно училиште е најважно е дека, треба да инвестираме во опрема, зашто теоретските знаења мора и треба да бидат поврзани со практични знаења, да се воспостави врска помеѓу теоријата и праксата во училиштето, а потоа таа да продолжи и во компаниите, бидејќи тие од нас очекуваат да им испорачаме обучени кадри, изјави Јованка Шалева, директорка на РЦСОО „Коле Нехтенин“-Штип.
Учениците кои посетуваат практична настава во компаниите не добиваат паричен надоместок, освен оние во дуалните паралелки чија пракса ја финансира Министерството за образование во вид на стипендии од по 3500 денари месечно.
Компаниите се должни да им обезбедат превоз и храна на учениците, но не и да им плаќаат финансиски надоместок. Со новиот Закон за средно стручно образование ќе мора да ја преземат и таа обврска. Засега поголемите компании не пројавуваат интерес за обука на кадри, иако средните стручни училишта се расадник за идните нивни вработени.
-На истокот има потреба од стручни кадри. Ние имаме ТИР зона која допрва ќе се развива и каде што очекуваме дека најголем број од нашите ученици ќе најдат свое соодветно вработување, додаде Шалева
Регионалните центри за стручно образование и обука, кои ги има вкупно 8 во државата, нудат и образование за возрасни.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар