Мерки против поскапувањето нема да има, ќе се води внимателна макроекономска политика
Државата нема да носи мерки за намалување на цените на храната. Искуството покажало дека имаат краткотраен ефект, кој не вродил со плод. Затоа премиерот Мицкоски најави внимателна макроекономската политика, со баланс меѓу растот на платите и инфлацијата. Вчерашните бројки кои ги објави статистиката, за 4,4% инфлација, вели дека се добар показател, затоа што за прв пат базичната инфлација е во негатива.
„Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен драјвер, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката која што ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија итн. да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок барем двојно да гледаме од тоа што е растот на инфлацијата. Така што во нето граѓаните да имаат подобар стандард, така ќе продолжиме без интервенционизам“, рече премиерот Христијан Мицкоски
Експертите вчера предупредија дека токму растот на платите ја зголемува потрошувачката и влиајае на порастот на трошоците за живот. Затоа бараат внимателна фискална политика, поголема контрола на инспекциските служби и зголемено домашно производство.
Вчера статистиката објави дека инфлацијата во август изнесува 4,4%, главно поради високите цени на храната, кои се зголемиле за над 6%. Со истиот проблем се соочува и регионот, каде се бележи пораст на трошоците за живот. Во Хрватска во август измерена е инфлација од 4,6 отсто, во Словенија 3. Во Србија, според достапните информации за јули, инфлацијата изнесувала 4,9, во Босна и Херцеговина 4,8, во Црна гора 4,5 отсо. Забавување на инфлацијата има само во соседна Албанија, каде истата изнесува 2,3 отсто.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар