Филипче бара оставки и итни анализи на воздухот, водата и почвата во Скопје
Хибридниот напад од странски центри е смешно алиби за неспособноста на Мицкоски, обвинува опозицискиот лидер. Вели, ако овие информации биле точни државата требаше да ги активира сите надлежни институции, Советот за безбедност, армијата и НАТО механизмите.
Филипче бара оставки од министрите за здравство и внатрешни работи, а странска акредитирана лабораторија да направи итни анализи на воздухот, водата и почвата во Скопје, бидејќи смета дека здравјето на граѓаните е сериозно загрозено.
„Треба да си поднесе оставка министерот за здравство. Ги излажа граѓаните дека воздухот не е загаден – и како го докажаа тоа? Треба одговорност и оставка да поднесе министерот за внатрешни работи. Најави дека треба да се евакуираат луѓето, а понатаму владиниот портпарол рече дека никој не се јави во Центарот за згрижување, кој што го ослободиле тука во непосредна близина. Значи, немало соодветна евакуација, иако најавиле дека треба да ја има.
Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што точно се случува во тој сектор“, вели Филипче
„Пред да се осмели да зборува за било кое прашање, Венко Филипче е должен јавно да објасни: зошто за модуларната болница, наместо Министерството за локална самоуправа кое требало да ја спроведе постапката, токму тој лично го презеде и реализираше тендерот? Зошто министерот за локална одбил да го потпише договорот и да ја спроведе процедурата што му ја наметнувале тој и Зоран Заев? Сè додека не даде јасен и издржан одговор на ова прашање, Филипче нема никаков кредибилитет да зборува за било што“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ
Меѓусебни обвинувања си разменија и владејачката и опозициски партија од албанскиот блок. Додека Скопје беше обвиено од токсични облаци, министерот Меџити остана невидлив, велат од ДУИ.
„Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност. Клеветите и неоснованите обвинувања нема да ги спасат од неуспехот“, стои во реакцијата на партијата на Ахмети.
„Како е можно ДУИ да го обвинува Изет Меџити за дозвола потпишана и издадена во време кога министер е Насер Нуредини“, возвратија од ВРЕДИ
„ДУИ управува и со јавното претпријатие задолжено за отпадот во Скопје. Директорот е нивен кадар. Ако денес Скопје се гуши во чад и отрови, тоа е директна последица на нивното партиско владеење и нефункционалност на институциите под нивна контрола“, сметаат од ВРЕДИ.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар