Политички реакции за фемицидот во Велес
Три дена по свирепото убиство на жена во Велес од нејзин поранешен партенер – насилник, денеска стигна и прва официјална реакција на институциите за осуда на фемицидот.
Клубот на пратенички од македонското Собрание јавно повика институциите навремено и доследно да ги почитуваат законите и да реагираат и спречат насилство врз жени.
-Ние, жените - пратенички од Клубот на пратенички во Собранието, со оваа реакција повикуваме на доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција на насилството врз жените. Ние едногласно ги поддржавме измените на Кривичниот законик со кои фемицидот се препознава и се третира како кривично дело. Бараме од надлежните институции да ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот. Ние, жените од Парламентот едногласно, остро и силно ги осудуваме зачестените случаи не само на свирепо насилство, туку и на фемицид! - изјави Јована Тренечвска, Клуб на пратенички
Осуда на убиството и реакција и несоодветното реагирање на органите на прогонот денеска стигна од опозициската СДСМ
-СДСМ бара оставка од Панче Тошковски и кривична одговорност за секој службеник кој со своето непостапување придонел за да се случи ова злосторство. Бараме итна и независна истрага за институционалните пропусти. Не смее да има полициски службеници или кој било друг вклучен во системот на заштита кој ќе се скрие зад бирократски оправдувања. Секој кој не постапил, а имал должност и обврска, мора да сноси последици согласно законот. Целосна и доследна примена на Националната стратегија за превенција, со обврзувачки протоколи и механизми на одговорност мора да има. Зголемување на случаите со фемицид во изминатите 15 месеци е особено загрижувачки, изјави Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека опозцијата повторно користи трагични настани за политички поени.
„Навистина е дегутантно да се говори за трагичен настан, во кој 3 лица го загубија животот за политички поени. МВР постапило според своите законски обврски и должности и поднело кривична пријава кон лицето кое го извршило убиството. Прашањето зошто тоа лице не било во притвор, треба да го упатат кон луѓето кои СДС лично ги постави во обвинителството и судството. Еднаш засекогаш СДС треба да научи да направи дистинкција помеѓу МВР и ЈО. Ако во нивно време тие беа едно и од иста партија, односно од СДС и ДУИ, сега тоа веќе не е така. Потребни се реформи во судството и тоа веднаш!“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката Зајково од ЛДП во издвоена реакција на Фејсбук потсетува за тоа дека во парламентот во април не беа донесени законските измени за построги казни.
Убиецот Илија Стефановски ја избоде до смрт својата поранешна партнерка Росица од Велес и нејзиниот татко, а потоа си го одзеде животот, бил познат на Обвинителството. Против него се воделе постапки за закани и насилство. Од почетокот на годинава таа го пријавувала убиецот Илија седум пати во полиција - за вознемируување, физички напад, цртање графити со заканучвачка содржина, палење автомобил, непочитување на забрана за приближување.
Хелсиншкиот комитет, по повод убиството, за попладне организира и протест во паркот Жена борец во Скопје под слоганот “Ниту една повеќе“.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар