ССК со предлог до Владата - Вишокот административци да го трансферираат во приватниот сектор
Новото раководство на ССК со предлог до Владата – вишокот административци да се трансферира во приватниот сектор. Во спротивно, во целост да го либерализира увозот на странци, за да се реши недостигот на работна сила со кој се соочуваат. Според Ѓорѓиевски на тој начин ќе се намали непродуктивната вработеност, односно работниците ќе си ја заработат платата.
Мора да има одржлив баланс кога се работи за платите. Покачувањето на минималната плата влијае на зголемување на сите останати плати. Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме, за да земаме плата, треба да креираме ситуација на работење во општеството. Тој што е квалитетен во приватниот сектор зема одлична плата, а оние што не се задоволни си заминуваат – рече Горан Ѓорѓиевски, претседател на ССК.
Ѓорѓиевски кој доаѓа од прехранбениот сектор, вели дека секогаш ќе биде на страната на производителите, но и на чесните трговци. Ќе се залага за пазарна економија и нема да поддржи замрзнување на цени и маржи. Најави дека лебот нема да поскапи, затоа што цената на светските берзи е стабилна.
Ѓорѓиевски повика на доследно почитување на законите во оваа држава, посебно на оној за нефер трговски практики - кој беше една од причините за разрешување на старото раководство. Колкава казна плати ССК кон Комисијата за заштита на конкуренцијата, која ги обвини за картелско здружување, рече дека нема информација, но најави ревизија на работењето на претходното раководство.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар