Македонија
26. September 2025 - 16:42

АВМУ не додели платена реклама за Левица и ЗНАМ, Апасиев со претставка до Уставен

Левица и ЗНАМ дефинтивно остануваат без платена реклама за изборите од страна на државата, потврдуваат од Агенцијата за медиуми. АВМУ денеска ја донесе конечната верзија на Упатството за локалните избори кое од платена реклама ги исклучува партиите што имаат пратеничка група, но не се во топ 4, како што предвидува Изборниот законик.

Советот на Агенцијата утринава едногласно ја отфрлил преставката на Левица дека распределбата на минутите реклама и простор на порталите не е фер.  По ваквата одлука Апасиев најави инцијатива пред Уставниот суд со барање за времена мерка веднаш вон сила да се стави Упатството на АВМУ.

Лидерот на Левица најави и кривични пријави за членовите на Агенцијата и на Државната изборна комисија. Вчера Апасиев поднел и измени на Изборниот законик.

Според изборните правила, право на реклама имаат двете најголеми партии на власт, двете најголеми партии во опозиција, партиите со помалку од 5 пратеника и вонпарламентарните учесници на изборите.

ЗНАМ и Левица имаат по дури 6 пратеника и не влегуваат во ниедна од овие категории. Не е возможно и учесниците на изборите сами, од сопствени средства, да си откупат рекламен простор за кампањата. Па така единствен простор за реклама на Левица и ЗНАМ,  ќе биде бесплатното рекламирање што го нудат Јавниот сервис и Собранискиот канал.

Од ДИК и АВМУ признаваат дека има недостаток во Изборниот законик, но тоа може да го реши само Собранието, а дека сега мора да се постапуваат по тековните правила. 

„ДИК нема никаква врска со упатството на АВМУ,  ДИК нема надлежност за распределба на времето и средствата за рекламирање, ДИК нема овластувања да ги определува партиите кои имаат право на рекламирање“, коментираат од Изборната комисија. 

Дека има пропуст вчера коментираа и од владејачаката ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, но од таму велат дека Левица имала повеќе години да предложи законски измени. Дополнително, бидејки ВМРО-ДПМНЕ ги подржува кандидатите на ЗНАМ во Центар и Куманово, оваа партија ќе отстапи дел од својот рекламен простор на партијата на Димитриевски.