Министерката за образование не верува дека има пропусти со извезувањето мозочни ткива во САД
Весна Јаневска го дели мислењето со Азир Алиу дека се многу мали шансите да има злоупотреби со извезувањето на мозочни ткива од Македонија за научно истражување во САД. Министерката за образование и наука вели дека Универзитетите имаат автономија за научната дејност а проектот кој бил пред речиси триесет години е потпишан меѓу Универзитетот Колумбија и Инситутот за судска медицина, но не верува дека има пропусти.
-Лично не верувам дека постои пропуст во процедурата за размена на ткивата особено што Универзитетот колумбија е осми на шангајската листа подолго време и кај нив процедурите се строго контролирани и одредени, вели Весна Јаневска, министер за образование и наука.
Министерката за образование вели дека ги стимулираат Универзитетите да создаваат релации со странски универзитети и да учествуваат во проекти од кои ќе имаме бенефит. А што добиваме од истражувањето на мозочни ткива?
-Затоа што колку што сум информирана, а добро се информирам, работеле на изнаоѓање на соматски причини за самоубиства, депресија и шизофренија, од тоа цел свет може да има корист. Знам дека на универзитетот Ёколумбија имале и проект за Алцхајмер и други работи, проблеми кои и денес не се решени а ако се решат корист ќе има цело светско население, а не само Македонија, вели Јаневска.
Вчера обвинитеството отвори предмет за извозот на мозочни ткива во САД и ќе проверуваат дали има елементи за кривично дело. Податоци ќе истражува и работната група што ја формираше министерот за здравство.
-Во оваа фаза правиме напори да стигнеме до информации. Но од друга страна мора да напоменам дека мора да бидеме претпазливи и како институција и како граѓани и како медиуми за да не правиме фама од нешто што може фидбекот да ни биде многу негативен, вели Азир Алиу, министер за здравство.
Ова следува по веќе објавените информации од досието на починатиот милјардер Џефри Епстин дека и нашата земја била дел од долгогодишно научно истражување и од големиот број мозочни ткива во банката за истражување имало и од Македонија.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
