Македонија
8. February 2026 - 16:31

Двегодишно дете од Битола по напад од улични кучиња заврши на интензивна нега на Детска хирургија

Двегодишно дете со тешки телесни повреди е на одделот за интензивна нега на Детска хирургија откако било нападнато од улични кучиња во близина на својот дом во Битола. Поради големиот број на повреди од битолската болница веднаш го транспортирале на скопските клиники. 

Детето е примено, веднаш е влезено во операциона сала и раните се згрижени. Има повреди во лице, врат, граден кош и стомак. Во моментот се наоѓа на одделот за интензивно лекување во стабилна општа состојба. Во меѓувреме, регулирана е антитетанусна профилакса и ги прима соодветните лекови, изјави Д-р Лазе Јовчевски, директор на Клиника за детска хирургија

Според детските хирурзи индивидуално е за колку време зараснуваат повреди од кучиња. – Детето имало среќа што повеќето рани се плитки. Раните се обработени, знаете дека рани од кучиња не се херметизираат. Верувам дека исходот на крај ќе биде добар за детето, вели Д-р Јовчевски 

Нападот од глутницата кучиња се случил пред два дена во попладненвите часови додека детето си играло во близина на куќата. Од битолската полиција велат дека преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 06.02.2026 во 15:53 часот во СВР Битола од страна на доктор од Клиничка болница Битола е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.СВР Битола презема мерки за расчистување на настан

Само три дена пред случајот со двегодишното дете, низ хорор поминала и скопјанка додека трчала на Кејот на Вардар. Пет минути траела нејзината битка со глутницата кучиња кои и направиле угризи на 7 места. Добила тетанус во болницата 8-ми септември, но и страв од кучиња и од помислата како да трча понатаму во вакви услови. 

Дека ги има многу покажува и статистиката од МВР според која само од почетокот на годината досега дури 109 граѓани од Скопје пријавиле дека биле каснати од кучиња сктиници. 

Скопјанката преку пост на социјалните мрежи јавно повика поголем број инситутции кои треба да го решат овој проблем.