Македонија
6. March 2026 - 16:38

Клучни членки на ЕУ се против предлогот за прием на нови држави без право на глас?

Идејата за прием на нови држави во ЕУ без право на глас, не добива поддршка од клучните членки на Унијата. 

Бриселски Политико и Еуроактив пишуваат дека ваквиот предлог кој доаѓа од шефицата на ЕК Фон дер Лајен бил отфрлен од амбасадорите на земјите членки на состанок кој пред два дена се одржал во Брисел.

Берлин и Париз не се заинтересирани за брз пристап, иако постепеното членство би значело нови членки со ограничени привилегии и право на глас, пишуваат медиумите. Идејата која првично беше поттикната заради брза интеграција на Украина, им даде надеж и на земјите од Западен Балкан кои во чекалната на Унијата се и по повеќе од деценија. 

Можно членство на Македонија во ЕУ во 2027ма но без целосни привилегии пред две недели најави и премиерот Мицкоски. Сепак дел и од ова сценарио за Македонија ќе останат уставните измени.

Без нив, Македонија не може да оди напред кон ЕУ е пораката која и денеска ја испраќа известувачот за земјава Томас Вајц во интервју за бугарски БГНЕС. Уставните измени се превземена обврска и за нив не може да се преговара вели

Вајц на прашањето дали се оправдани стравувањата на Скопје за можни нови барања во процесот на преговори. 

„Во тој поглед сите сме на иста позиција. Уставните измени се барање. Тоа не подлежи на преговори. Ако нема исполнување на овие критериуми и услови, нема да има напредок на патот кон пристапување. Многу би жалел поради тоа и сите сме на иста позиција. Имам многу јасна комуникација со Владата на Северна Македонија дека ова барање мора да биде исполнето и дека не подлежи на преговори“ рече Вајц.

Вајц минатата недела го презентираше и извештајот за напредокот на Македонија пред европратенците, кои речиси без исклучок порачаа дека Македонија е уморна од чекање на членство во европското семејство, но без измени на

Уставот процесот не може да оди напред. Во моментов тече рокот и за поднесување на амандмани за извешатјот по што тој ќе се најде и пленарна седница на Европскиот парламент.