Македонија
7. March 2026 - 16:31

Средношколците од Струмица ќе ги обновуваат клупите во градскиот парк

Средношколците од дрвопреработувачката струка во државното средно училиште Никола Карев од Струмица ќе ги обновуваат и санираат оштетените клупи во градскиот парк.

Во активностите ќе бидат вклучени околу 50 ученици од сите класови во оваа струка, а обновата ќе се врши во рамки на практичната настава. Учениците заедно со своите професори веќе мапирале околу 190 клупи на кои се констатирани оштетувања и на кои ќе се интервенира.

Проектот се реализира во соработка со општина Струмица и ЈПКД Комуналец, кои обезбедуваат материјали за изработка, а потоа клупите ќе се доработуваат во училиштните работилници. 

Од Комуналец информираат дека првите количини дрвена граѓа веќе се доставени во училиштето и започнат процесот на обработка.

Според најавите, обновата на клупите треба да заврши во наредниот месец.