Почна со работа меѓупартиската група за Изборен законик
Министерот за правда, Игор Филков, ќе ја води меѓупартиската работна група што треба да ги креира новите изборни правила. По неуспешниот прв обид за состанок, денеска е постигнат договор дека сите одлуки за евентуалните измени на Изборниот законик ќе се носат со консензус.
Сè уште не е одлучено дали ќе се донесе целосно нов Изборен законик, дали ќе се отвори прашањето за нов изборен модел или пак сè ќе остане во рамките на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Следната средба ќе ја даде конечната насока, а на 23 март секоја партија ќе ги претстави своите предлози.
ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа најголем дел од препораките на ОБСЕ, но разгледува и можност за воведување една изборна единица со одреден изборен праг, за кој допрва треба да се преговара. Албанскиот блок инсистира на повеќе изборни единици, со варијации од 3 до 8. Од СДСМ претходно беа наклонети кон една изборна единица, но засега не откриваат со што ќе настапат на следниот состанок.
Левицата, пак, нагласува дека е важно да се изменат правилата за државно рекламирање на сите парламентарни партии. ЗНАМ предлага намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, но тоа бара уставни измени, за кои поголемите партии не се подготвени. ЛДП, освен една изборна единица, предлага и воведување на отворени листи.
Изборниот законик е дел од реформската агенда и требаше да биде донесен до јуни минатата година. По неуспешните предизборни измени, Брисел одобри дополнителен рок до јуни оваа година.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
