Македонија
10. March 2026 - 19:41

Судијата Ненад Савески е предлог на Владата за нов државен јавен обвинител

Владата го избра судијата Ненад Савески како предлог за нов републички јавен обвинител. Собранието следната недела ќе треба да го изгласа, со мнозинство од 61 пратеник. Но како Владата одлучи дека судијата од Кривичниот суд е подобар кандидат од останатите три обвинителки, Анита Тополова Исајловска, Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ? 

Портпаролката вели дека се водела конструктивна дискусија на Владината седница и се раководеле од принципите на професионалност. Судијата Савески имал интегритет и репутација на правник со долгогодишно искуство. Но со оглед на тоа што и останатите три обвинителки имаат богати и професионални кариери, на прашањето дали биле разгледани сите биографии, откако премиерот кажа дека Ленче Ристовска не е во игра иако и таа доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, се повтори одговорот дека имало конструктивна дискусија. 

Савески кариерата ја почнал како скопски обвинител во 2009 година, а во 2016 е избран за судија во Кривичниот суд кои ги суди случаите од организиран криминал и корупција. 

Пред да стане обвинител работел како приправник и стручен соработник во судот во Гостивар. 

Има дипломирано и магистрирано на правниот факултет Јустиијан I први во областа на казненото право, а предава и на Академијата за судии и јавни обвинители.