Македонија
23. March 2026 - 16:37

СДСМ бара надзорна расправа за примената на Законот за македонскиот јазик - од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ќе присуствуваат

СДСМ бара надзорна расправа за Законот за македонскиот јазик.

Од партијата обвинуваат дека тој не се применува и власта свесно го опструира законот преку кратење на буџетските средства и нефункционалност на контролните механизми.

„Не функционира Инспекторатот, нема вработени, нема лектори, не се почитува ниту употребата во јавни настани. А никој не реагира.И кога сакавме да разгледаме како оди имплементацијата на овој закон, сфативме дека нема ништо спроведено. Навистина ништо. Секој буџет од 2024та наваму и секој ребаланс гледаме кратење на пари. Нема пари за примена на Законот за македонски јазик ама има за тендери. И кога некој би поднел пријава за било кое од овие непопитување на законот, нема кој да постапи! “ изјави Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничка на СДСМ. 

Загрозување на јазикот е можно само со СДС и Венко Филишче, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Бисера Антоанета, наместо на суд да се докажува за своите криминали, се расфрла со лаги на прес-конференции. Ништо од тоа што зборува Костадиновска Стојчевска не е вистина, а во измислувањето и лажењето, СДС се докажани првенци. Од друга страна ја потсетуваме Бисера Антоанета, дека глас не пушти дури шеташе на државен трошок и купуваше разни производи со службена картичка, додека Заев тврдеше дека македонскиот и бугарскиот се ист јазик“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија ќе учествува на расправата, потврди за Сител координаторот на нивната пратеничката група, Никола Мицевски.

И скоро една година по формирањето, Инспекторатот кој треба да проверува на терен колку се почитува законот за македонскиот јазик, се уште има само еден вработен - директорката Менче Андреева. Инспектори нема бидејќи Министерството за финансии на крајот од 2025-та го одби првичното барање за осум вработувања. 

Од јануари годинава се чека одговор за пет нови позиции, но дури и да се добие „зелено светло“, оваа година никој нема да може да биде казнет бидејќ по конкурсот, кандидатите мора да поминат едногодишна обука.  Иако за тоа време ќе можат да вршат надзор, тие нема да имаат овластување да пишуваат казни. 

„Кога ќе биде донесен законот за вработување ние веднаш ќе објавиме конкурс за вработување на инспектори, согласно законскиот процес за вработување. Тие ќе започнат најпрво со обука, обуката трае една година. Меѓутоа во рамките на таа обука тие ќе можат да одат на терен, односно да вршат надзор“, изјави директорката Менче Андреева. 

Вистинската примена на законот ќе почека додека новите кадри не се стекнат со инспекторски титули. Дури тогаш ќе можат да се изрекуваат глобите кои се движат од 1.500 до 3.000 евра за прекршителите.

Инаку, овој закон беше изгласан на 26 јануари 2024 година, по иницијатива на тогашниот Совет за македонски јазик и Министерството за култура. Со него, меѓу другото, се предвидуваше и задолжително вработување лектори во институциите.