Фондација Елеуса обезбеди Велигденски пакети за 220 семејства во социјален ризик
Во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, фондацијата Елеуса од Струмица ја започна реализацијата на традиционалната хуманитарна акција насловена „Сподели дел од својата трпеза , нахрани гладен“.
За таа цел, веќе тече дистрибуцијата на 220 хуманитарни пакети со храна и основни продукти кои ќе бидат поделени на исто толку семејства во социјален ризик во рамки на Струмичката епархија. Содржината на пакетите е прилагодена да ги задоволи потребите на едно домаќинство за претстојните празнични оброци.
И покрај тоа што успеале да одговорат на сите барања, од фондацијата велат дека загрижува фактот што бројот на семејства во социјален ризик постојано расте.
Годинава, покрај општествено одговорните компании, значаен придонес во реализацијата на акцијата дале учениците и вработените во основните и средните училишта од регионот, кои масовно се вклучиле во собирањето прехранбени производи.
Акцијата Сподели дел од твојата трпеза , нахрани гладен се реализира неколку пати во текот на годината, за време на големите христијански празници. Ова не е единствената активност на фондацијата.
Во текот на годината тие секојдневно обезбедуваат топол оброк за околу педесетина лица, но реализираат и голем број хуманитарни проекти наменети за лица од социјален ризик.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
