Loading Video...
Свет
8. April 2026 - 12:31

Преглед на вестите од светот

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека се согласил „да го суспендира бомбардирањето и нападот врз Иран за период од две недели“. Тој разговарал со лидерите во Пакистан, кој е посредник меѓу Вашингтон и Техеран.

„Врз основа на разговорите со премиерот Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир од Пакистан, и во кои тие побараа да ја одложам деструктивната сила што ќе биде испратена вечерва во Иран, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на ЦЕЛОСНО, НЕПОСРЕДНО и БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормутскиот теснец, се согласувам да го суспендирам бомбардирањето и нападот врз Иран за период од две недели“, напиша Трамп на социјалните медиуми.”

Трамп рече дека САД добиле предлог од 10 точки од Иран и „веруваат дека тоа е функционална основа врз која ќе се преговара“.

Во друга објава Трамп напиша:

„Голем ден за светскиот мир! Иран сака тоа да се случи, доста им е! Исто така, и сите други! Соединетите Американски Држави ќе помогнат со зголемувањето на сообраќајот во Ормутскиот теснец. Ќе има многу позитивни акции! Ќе се заработат големи пари. Иран може да го започне процесот на реконструкција. Ќе се полниме со залихи од сите видови и само ќе „се чекаме“ за да се осигураме дека сè ќе оди добро. Уверен сум дека ќе биде така. Исто како што го доживуваме во САД, ова може да биде Златното доба на Блискиот Исток!!! Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“

А по објавите на Трамп цената на нафтата падна за околу 16 проценти на околу 92 долари за барел за идна испорака. Сепак, тоа е сè уште далеку над нивото од околу 73 долари на кое беше непосредно пред почетокот на конфликтот кон крајот на февруари.

Иранците се собраа на плоштадот Енгелаб во Техеран во утринските часови мавтајќи со знамиња и ветувајќи безусловна лојалност на врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, откако САД и Иран се согласија на двонеделен прекин на огнот.

„Тие не се посветени, но работите сега се променија. Сега Америка сфати дека Иран е суперсила. И ако не дејствуваат според договорот, ние дефинитивно ќе се справиме со нив на поинаков начин.“

Иранскиот Врховен совет за безбедност денеска објави дека разговорите со САД ќе започнат во петок, 10 април, во Исламабад, откако официјален Техеран преку посредништво на Пакистан достави предлог од 10 точки до Вашингтон, објавија иранските државни медиуми, додавајќи дека разговорите не сигнализираат крај на војната.

Иран објави дека разговорите, кои би можеле да траат до 15 дена и би можеле да се продолжат со договор, имаат за цел финализирање на деталите од предлогот, кој вклучува одредби за транзит низ Ормуската Теснина, олеснување на санкциите и повлекување на американските борбени сили од регионалните бази.

Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, кој посредуваше меѓу Вашингтон и Техеран на мрежата Х објави:

„Со најголема понизност, со задоволство објавувам дека Исламската Република Иран и Соединетите Американски Држави, заедно со нивните сојузници, се согласија на моментален прекин на огнот насекаде вклучувајќи го и Либан. Двете страни покажаа извонредна мудрост и разбирање и останаа конструктивно ангажирани во унапредувањето на каузата за мир и стабилност. Искрено се надеваме дека „Преговорите во Исламабад“ ќе успеат во постигнувањето одржлив мир и сакаме да споделиме повеќе добри вести во наредните денови!“

Тој го поздрави она што го опиша како „мудар гест“ од двете влади и ги покани нивните делегации во Исламабад во петок, 10 април, на разговори со цел да се обезбеди конечен договор за решавање на нерешените спорови.