Loading Video...
Бизнис
9. April 2026 - 16:42

Цените на нафтата повторно растат, Иран обвини дека договорот за примирје не се почитува

Цените на нафтата повторно растат, откако Иран го обвини САД за кршење на договорот за двонеделно примирје. Стравувањата се дека тензиите можат да ескалираат и да го нарушат синџирот за снабдување со енергенси, по нападите на Израел во Либан. 

Оптимизмот дека испораката низ Ормутскиот Теснец ќе се нормализира наскоро, паднаа во вода. И Иран и САД бараат целосна контрола врз теснецот и наплата на надоместок за бродовите кои поминуваат. Во моментов стотици бродови  се заглавени, а за направените штети врз инфраструктурата ќе требаат неколку месеци и милијари долари за санација. 

- Денес, цените на нафтата се малку поцврсти, што значи дека инвеститорите повторно заземаат малку поодбранбен став. Цените на нафтата, се разбира, се барометар за економијата и загриженоста за инфлацијата на пазарот, и сите во моментов ја следат цената на нафтата. 

 И покрај прекинот на огнот, цените на нафтата остануваат околу 40% над нивоата пред конфликтот, што предизвикува загриженост дека инфлаторниот бран наскоро ќе се одрази во економските податоци, изјави Тим Охнер, германски аналитичар за капитал.

Не чекаат сериозни предизвици, вели премиерот Мицкоски, иако за сега состојбата кај нас е стабилна. Со преземените мерки спречен е драстичен скок на цените на горивата и нема најави за нарушено снабдување, и покрај зголемената потрошувачка на деривати во пограничните региони.

Предлогот бродовите да плаќаат надоместок за премин низ теснецот е неприфатлив, вели и грчкиот премиер Мицотакис. Ова, според него е преседан за слободната пловидба. Потсети дека поминувањето низ теснецот секогаш било слободно и така мора да остане. Инаку Грција контролира една од најголемите трговски флоти на светот по капацитет за превоз.