Македонија
13. April 2026 - 16:33

Временските услови го зголемија бројот на мозочни удари

Зголемен број на мозочни удари и полни оддели на Клиниката за Неврологија. Една од причините се променливите временски услови кои најмногу влијаат кај лицата со хронични заболувања.

Лекарите со предупредување – симптомите доаѓаат ненајавено, секунди одлучуваат, а секое доцнење ја намалува шансата за закрепнување и го зголемува ризикот од трајна инвалидност.

-Во периодот што изминува и во оној празничен период зголемена е инциденцата на пациенти со мозочен удар. Променливото време, односно, самите температури доведуваат до појава на мозочен удар а знаеме дека зачестеноста од истите при вакви временски услови е зголемена. Во однос на клиничката слика таа варира од пациент до пациент. Имаме пациенти со најтешка и пациенти со полесна клиничка слика, вели д-р Јован Божиновски, директор на Клиника за неврологија.

Пациентите овој период хоспитализирани на Неврологија со мозочен удар се повозрасни, но како што велат лекарите никој не е целосно заштитет. Сепак, ризикот е многу поголем кај пациенти кои веќе имаат висок крвен притисок, дијабет и кардиоваскуларни заболувања.

-Треба првенствено да се зема пропишаната терапија, да се контролираат ризик факторите и да се почитуваа тпрепораките од лекарите. Дополнително во вакви празнични периоди треба да се внимава и на исхраната особено оние кои постеле и сега наеднаш земаат мрсна храна и сето тоа може да биде ризик фактор од појава на мозочен удар, вели д-р Божиновски.

Мозочниот удар не оди со најава, туку напаѓа и прашањето е само дали ќе реагираме навреме. Неможност за говор и фатеност во рака или нога се само дел од симтпмите за кои веднаш треба да се побара лекарска помош.