Македонија
15. April 2026 - 19:45

Скопје на патот до престолнина на културата

Град Скопје интензивно се подготвува да се носи со титулата Европска престолнина на културата во 2028 година. Но сепак уште многу предизвици треба да се надминат додека метрополата заличи на европски град.

Денеска Ѓорѓиевски е домаќин на тројца колеги од Германија, Италија и Словенија, кои треба да ги пренесат искуствата поврзани со титулата Европска престолнина на културата, која Скопје ќе ја има во 2028 година. Целта на проектот  е да се обединат граѓаните со културата, но и да се развие туризмот.

Градоначалникот Ѓорѓиевски информираше дека во склоп на проектот започнуваат низа инфраструктурни проекти на местата каде ќе се одржуваат главните активности за овој настан – Калето, Аквадуктот и Старата скопска чаршија.

„Ќе бидат сите оние инфраструктурни проекти кои ги планираме во рамки на процесот, а тоа е реконструкција на Калето, најголем дел од настаните таму ќе бидат одржувани. Старата скопска чаршија која благодарение на Министерството за култура започна да се реконструира, како и Аквадуктот – ќе биде претворен во летна сцена, летна арена“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓивски.

За решавање остануваат и проблемите во јавните претпријатија, недоволно опрема и машини за чистење на градот и празнење на контејнерите, јавниот превоз и сообраќајната гужва. 

Во септември 2023-та година Скопје беше проласено за победник. Тогаш беа дадени првите задачи кои треба да ги завршиме во пресрет на титулата Европска престолнина на културата.

Но славјето стиши во октомври 2024-тата година со првиот мониторинг извештај во кој ЕУ изрази сериозна загриженост бидејќи по првата година по добивање на титулата, градот не покажал никаков напредок.

Во Извештајот тогаш беше нотирано дека Градот нема формирано независно тело, буџетот е нејасен и немало видлива комуникација со јавноста.  Работите конечно беа одглавени по локалните избори.

Овој период беше клучен за Градот конечно да ги објави јавните повици на почетокот на оваа година за да покаже дека забелешките од 2024 се земени предвид.