Кој се е инволвиран во илегалниот увоз на ботокси и филери?
Од шверц до естетски интервенции. Под истрага мрежа што го загрозувала здравјето на граѓаните и епилог од 14 приведени во акцијата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и МВР.
Освен уапсените, има кривични пријави за уште 11 физички и правни лица. Меѓу нив и хирурзи и дерматолози од Клиниката за кожни болести и Градската општа болница 8-ми септември како и сопственици на дерматолошки ординации.
Станува збор за повеќемесечна темелна истрага за сузбивање на илегален увоз на медицински средства за што сите инволвирани иако знаеле дека не е согласно законските прописи, сепак вршеле естетски интервенции доведувајќи го во опасност здравјето на пациенти.
- Во текот на 2026 година, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
- При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хилурон), 39.285 евра, 2490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и др, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Меѓу осомничените е и царински службеник кој во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока во државата, а истрагата опфаќа и блиски сродници на приведените кои иако знаеле за илегалните активности, активно учествувале во нив.
Јавниот обвинител, ценејќи ја тежината на кривичните дела, до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за 12 лица.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
