Семејните лекари во Македонија се уште со ограничени ингеренции
Специјалист по семејна медицина во Македонија се уште е професија само на хартија. И покрај специјализацијата овие лекари имаат ограничени ингеренции во третманот на пациентите и несоодветни плати. Реагираат дека многу законски решенија се уште седат во фиока а тие имаат врзани раце во пропишување на одредени лекови.
На пример за инхалаторни спрејови и понатаму треба препорака од специјалист по уво, нос и грло а не можат и директно да упатат болен на некои дијагностички испитувања.
-Значи семејниот лекар треба да опфати 70 до 80 проценти од популацијата и да се спуштат ингеренциите и услугите. Да може да закажеме компјутерска томографија кога гледаме на рендгенграфија дека има одредена сенка која во позадина може да укажува на канцер, зошто тој пациент да оди на пулмолог, кога тој треба матичниот лекар да го препрати на комјутерска томографија да се скрати патот на додијагноза бидејќи со рана дијагноза ќе имаме подобра превенција, вели д-р Драган Ѓорѓиевски претседател на ЗЛОМ-СМ.
Специјализацијата по семејна медицина во земјата почна пред 15 години, но и после толку години овие специјалисти велат дека не можат да ги наплатат сите услуги што им ги нудат на пациентите.
-Прават и спирометрија и еходијагностика и отоскопија и слично, меѓутоа таа услуга не можат да ја наплатат, не можат соодветно да го валоризираат трудот што го даваат. Ограничени сме и со препис на голем број на лекови. Несватливо е за една хиперплазија на простата кога гледате дека ПСА е нормално, пациентот е под терапија да мора секоја година да го праќате на уролог, вели д-р Ѓорѓиевски.
19 мај е светски ден на семејните лекари кога се истакнува нивната улога во превенцијата и постојаната грижа за пациентите. Во Македонија има околу 510 специјалисти по семејна медицина.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
