Македонија
1. јуни 2026 - 16:33

ЦЈЗ Скопје утре ќе каже поради што 20-тина деца од ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ завршија во болница

Утре ќе се знае поради што 20 –тина деца и наставници во ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ во Кисела Вода со стомачни симптоми завршија на Детската клиника и Инфективна.

Директорот на Скопскиот центар за јавно здравје Муамет Демири изјави дека нивна екипа од епедемиолог и техничар утринава биле во училиштето и земале примероци од водата и од работни површини за испитување. Првичните резулатати од анализите се очекува да бидат готови во текот на утрешниот ден.

Од општина Кисела Вода под чија надлежност е основното, во писмено соопштение тврдат дека директорката по добивањето на информации за стомачни тегоби кај неколку деца во четвртокот вечерта,  веднаш ги известила сите надлежни служби и го исклучуваат труење како причина.

-Во петокот, лекари од Центарот за јавно здравје извршија интервјуа со децата и двајцата наставници кои пројавиле симптоми. Нивните наоди се дел од епидемиолошката анкета. Од страна на стручните служби бевме информирани дека храната била конзумирана на различни места и не е утврдено никакво групирање кое би укажало на труење од заеднички извор. Ова беше потврдено и денес од страна на екипата на ЦЈЗ која беше присутна во училиштето, велат од општината.

Од таму тврдат и дека водата во училиштето била безбедна, а ова го покажале лабораториските наоди од секторот за санитарна контрола при “Водовод и канализација”.

-Анализата на примерокот земен на 29.05.2026 година директно од училиштето потврдува дека не се пронајдени никакви токсични материи во водата и истата е целосно безбедна, соопштуваат од општина Кисела Вода.

Денеска во училиштето немало зголемен број на отсутни ученици, а нема пријави ниту за нови заболени од „Невена Георгиева - Дуња“, откако продолжениот викенд  15 –тина деца побарале лекарска помош на Детска, а 5- мина пациенти се јавиле на Инфективна поради гадење, повраќање и чести дијареи.