Пропустите кај млечните производи може да ја намалат продажбата
На светскиот ден на млекото, 1 јуни, во Македонија се отвори прашањето, какви млечни производи се нудат на пазарот? Според анализите на Агенцијата за храна и ветеринарство, кај 10 домашни производители е откриено дека продаваат млеко и млечни производи со значително пониска масленост, а во нив била пронајдена и палмина маст.
Од организацијата на потрошувачи велат, ова, може да ја намали продажбата на производи од млеко, па штета ќе трпат и компании кои го почитувале правилникот за квалитет.
„Потрошувачите се доведуваат во заблуда. Не се кажува кои се фирмите кои тоа го правеле и со самото тоа, практично се создава недоверба кај македонскиот потрошувач, бидејќи во иднина доколку не се знае кои се тие, секако, потрошувачите ќе се орјентираат кон други производи кои не се од Македонија, а се увезени во нашата земја“, изјави Тања Тасевска, Организација на потрошувачи.
Реагираат и млекопроизводителите. Велат не се изненадени што на пазарот биле пронајдени производи со лажирана масленост, тврдат дека за производство се користело увозно вештачко млеко, па се почесто откупувачите одбивале да го земат домашното млеко. Очекуваат да бидат објавени имињата на компаниите кај кои се пронајдени пропустите.
„Сите се знаеме меѓусебе. Ќе ни се јави некој да побара помош, ни вели, млекарницата повеќе не доаѓа во нашето село да го зема млекото, а до вчера се тепаа да го земат. Зошто не доаѓа? Сум бил сам. Некои ги исклучиле, не доаѓале оти им било далеку селото. Зошто не ги каже млекарниците? Нема што да каже. Сите го користат истото. Уште јадеме ние од тие производи и ќе продолжиме да јадеме такви прозводи, за жал“, изјави Борче Бучински, Здружение на сточари „Пелагониско поле“.
Неточните декларации на производите влијаат и врз здравјето на луѓето. Според нутриционистите, важно е да се знае што точно содржи производот кој се консумира. Појаснуваат дека палминото масло не е забрането за употреба во исхраната, но тоа треба да е истакнато на декларацијата.
„Потрошувачот има компленто право точно да знае што купува. Од здравствен аспек вавките производи може да имаат поинаков нутритивен профил и при честа конзумација да придонесат за повисок внес на заситени масти што не е пожелно кај лицата со кардиовасукалрни ризици“, изјави Билјана Ристеска, Нутриционист.
Агенцијата за храна и ветеринарство анализирала 45 мостри од млеко и млечни производи, а кај 10 се утврдиле недостатоци. Наместо 20 проценти млечна маст, производите содржеле само еден процент, а дел содржиле и палмини масти. За таквите неправилности, Производителите заработиле казни од илјада до 3.500 евра.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
