Македонија
2. јуни 2026 - 16:33

Владината реконструкција до крајот на јуни

Почнуваат преговори меѓу Мицкоски, Касами, Меџити и Димитриевски за најавената реконструкција на владиниот кабинет. Помалиот партнер ЗНАМ останува во Владата и покрај тоа што го намали бројот на пратеници по заминувањето на Цеков од нејзините редови, потврди премиерот. Новата распределба на ресори и кадри треба да заврши до крајот на месецот, што ќе се поклопи и со двегодишнината од првиот владин состав на Мицкоски.

Промените во Владата практично почнаа вчера со оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи. Тој ќе остане соработник на кабинетот на Мицкоски од странство. Неговото заминување не беше неочекувано. Стана извесно дека ќе остане без министерска фотелја откако ја изгуби битката внатре во Вреди од сопартиецот Азир Алиу. Иако владини функционери тврдеа дека Фетаи не доаѓа на работа во Владата повеќе од два месеца, Мицкоски демантираше такво нешто.

Извесно е дека од Владата ќе замине и министерот за социјална политика Лимани, кој се скара со БЕСА и Касами пред обединувањето на Вреди. 

„Јас работам на обединување на сите „групации“ кои се разочарани од однесувањата, дејствијата и чекорите на самопрогласените лидери на (НЕ)ВРЕДИ. Подготовка за предвремени избори...“, ни коментираше Лимани.

Како сигурен кандидат за смена се споменува и министерот за правда од редовите на ЗНАМ, Филков. Се очекуваат смени и на кадри и на ресори во ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската СДСМ велат дека какви и промени да се направат, тие ќе бидат само шминка и дека не очекуваат промени во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Одредени функционери од власта велат дека не е исклучено да се направи и поголема промена, која би опфатила повеќе од третина од министрите, што би значело ново гласање за целата Влада со 61 пратеник. Тоа мнозинство во Парламентот не претставува проблем за Мицкоски.