Савески: Предметот „Мазут“ е во фаза на одлучување
Запрената истрага за набавката на Мазут за ТЕЦ Неготино тешка над 160 милиони евра е по лупа на Вишото јавно обвинителство, потврди републичкиот обвинител Ненад Савески.. Тој на брифинг со новинарите, рече дека предметот кој го водела Обвинителката Катерина Коларевиќ, заедно со жалбата поднесена од ЕСМ се веќе дадени на виш јавен обвинител кој ќе одлучи за иднината на случајот.. Пред вишото обвинителство се две опции - да го прифати приговорот и да даде насоки за понатамошно постапување, или, да го одбие поднесениот приговор од ЕСМ.. Пред Савески било и барањето на ЕСМ за преиспитување на работата на обвинителката Коларевиќ, но за тоа, сега нема да се води постапка..
„Нема веднаш да се премина на контрола и надзор бидејќи предметот е во фаза на второстепено одлучување. Замислете каков притисок би било тоа за обвинителот од организиран криминал и корупција и на обвинителот од вишото да ја преиспитува основаноста на приговорот или одлучувањето, а во исто време републичкиот обвинител да прави контрола и надзор“ , рече Савески.
Докази, како што кажа Савески, обвинителството се уште собира и за предметот со државна видеолотарија во која е осомничен порашниот вицепремиер, Артан Груби.. Тој се уште не бил повикан на распит, а кога обвинителството ќе го соочи со доказите, зависи од истражниот план на обвинтелот, појасни Савески..
Во истрага е предметот и со запленетата марихуана. Се истражува дали зад случајот стои организирана криминална група во која се вмешани и државјани на неколку соседни земји..
„Таа истрага ќе трае долго, прво е комплексен предметот, има еден дел кој се работи на територијата на нашата држава, дел се работи во Србија, па дури има дел во кој се вклучени истражните органи и од Албанија. Тимовите од сите три држави разменуваат податоци и докази“, вели Савески.
Случајот беше обелоденет откако во Србија беа пронајдени пет тони марихуана нелегално увезени од Македонија, а потоа на неколку локации во земјава беа запленети уште неколку десетина тони канабис..
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
