Македонија
4. јуни 2026 - 16:30

Муцунски: Кај европските лидери постои засилен интерес за поттикнување дијалог меѓу Скопје и Софија

Македонската влада очекува охрабрувачки сигнали за проширувањето на утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват. Шефот на дипломатија Муцунски, вели дека чувствува желба кај европските претставници за стимулирање на дијалог меѓу Македонија и Бугарија.

Без да ја толкува последната порака на Кошта од Скопје, вели дека за владата не постои алтернатива освен полноправно членство во Унијата. Ја повтори позицијата дека нема услови за уставни измени без гаранции додека Софија не ги спроведе нивните обврски.

Очигледно е дека во моментов постои сериозен интерес од страна на земјите-членки на европските институции за раздвижување на политиката за проширување и доколку тој интерес е искрен, секако и за нашиот спор ќе се најде соодветно европско решение...Без сомнеж имаме очекувања од самитот бидејќи е, прво, самит кој се одржува во регионот. Самото тоа е порака кон регионот. Очекуваме да се пратат дополнителни сигнали за охрабрување кон регионот, во една колективна смисла. Веројатно една од темите за дискусија, бидејќи се очекува присуство на канцеларот Мерц, ќе биде како тој ја гледа политиката на проширување. Еден од позитивните сигнали што ги слушаме, но веројатно изворно ќе го слушнеме во Тиват е дека и тие идеи кои што тој ги образложи во своето писмо не се толкуваат алтернативно односно дека ќе има некој нов модел без пат кон полноправно членство туку како еден паралелен процес кој би се одвивал “, рече Муцунски.

Следната недела Муцунски и Силјановска патуваат во Софија на регионален самит, каде не се исклучува можноста за нова средба на највисоко ниво со бугарските државници.

Опозицијата обвинува дека власта не нуди европска перспектива,а доказ за тоа се и пораките на Кошта од Скопје дека единствен услов за членство се уставните измени.

Во фокусот на самитот во Црна Гора се очекува да да биде потврдена информацијата која ја објави бриселски Политико и Украинска правда дека постигнат е договор во Брисел  Украина и Молдавија да ги стартуваат преговорите за членство на 15 јуни на меѓувладина конференција во Луксембург.