Процесот на проширување на ЕУ ќе остане заснован на заслуги и веродостојни реформи
ЕУ останува посветена на проширувањето кон Западен Балкан, но спроведувањето на реформите останува клучен приоритет за полноправно членство. Претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта по завршувањето на Самитот во Тиват испрати порака до земјите од Западен Балкан да го искористат сегашниот моментум и да ги преземат сите неопходни чекори за забрзување на нивниот напредок на патот кон Европската Унија. Новите предложени идеи се само дополнителна помош за забрзување на интеграциите.
- Западен Балкан е составен дел од иднината на Европската Унија. Нивното пристапување останува наш приоритет и клучна геополитичка инвестиција. Процесот е и ќе остане заснован на заслуги и веродостојни реформи. Во исто време, нашата денешна дискусија ја покажа нашата заедничка амбиција што е можно побрзо да испорачаме резултати во однос на проширувањето. Затоа разгледуваме нови идеи за поедноставување и забрзување на процесот, за зголемување на довербата во Европската Унија и зголемување на мотивацијата на партнерите од Западен Балкан.
Кошта им порача на земјите од регионот дека за Брисел се важни и добрососедските односи и регионалната соработка за да се обезбеди безбедност и стабилност на регионот.
Шефицата на ЕК, го повтори ставот дека без реформи невозможно е придвижување во процесот, а интеграцијата останува заснована на заслуги.
- Проширувањето е геостратешки императив за нас и долгорочна инвестиција во нашиот мир, стабилност и безбедност. Тоа ќе остане засновано на заслуги, но мора да стане подинамично. Можевте да го слушнете тоа и од моите пријатели овде на подиумот. Затоа што процес заснован на заслуги не значи бавен процес. Заснован на заслуги значи фер и предвидлив процес. Со други зборови, тоа значи дека кога ќе се спроведат реформите, мора да следи напредок на патот кон членство во Европската Унија. Токму тоа сакаме да го направиме — да ги наградиме реформите со вистинска интеграција.
По Самитот во Црна Гора европските челници порачаа дека постои решителност европската иднина на Западен Балкан да стане реалност што е можно побрзо. Ја пофалија Црна Гора за напредокот кој го прави и потврдија дека амбицијата таа да стане 28 членка на Унијата до 2028-ма е достижна. Пофални зборови во спроведување на реформите доби и Албанија.
Потврдено беше и започнувањето на преговорите со Украина и Молдавија. Стартуваат и преговорите за воведување на бесплатен роаминг во земјите на ЕУ.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
