Македонија
7. јуни 2026 - 16:35

Штип со реконструкција на постојните и два нови моста

Започна реконструкцијата на мостот на реката Брегалница кај Градскиот базен во Штип, кој претставува една од најоптоварените сообраќајни врски во градот бидејќи е дел од булеварот „Гоце Делчев“. Претходните испитувања покажале потреба од санација и зајакнување на конструкцијата, поради што веќе се започнати градежните работи.

Со проектот е предвидена комплетна санација на долниот дел од мостот, подобрување на неговата статика, како и реконструкција на коловозот, тротоарите и заштитната ограда.

-Оваа инвестицијата е на Јавното претпријатие за државни патишта, а вредноста на зафатот изнесува околу 30 милиони денари и очекувам во наредните месеци практично да се завршат активностите на овој мост, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Во тек се и дополнителни испитувања на останатите мостовски конструкции, врз основа на кои ќе се утврдат следните приоритети за санација. По завршувањето на работите на овој мост, најавена е и реконструкција на Камениот мост на Брегалница.

-Со оглед на тоа што овде имаме поразлични одобренија, конзерваторски, затоа што мостот е заштитен под Завод за заштита на културното наследство, постапката е малку поразлична, но верувам дека и овде динамиката на завршување на предвидените активности ќе бидат спроведени во најкраток можен рок, додаде Јорданов.

Покрај реконструкцијата на постојните мостови, се планира и изградба на два нови моста кои треба дополнително да го подобрат сообраќајното поврзување во градот.

-Очекувам следниот месец да започне да се гради. Тоа е мостот на река Брегалница кој ќе биде продолжение на обиколницата која се гради, изјави Јорданов

На спротивната страна ќе се гради мост кој ќе ги поврзува населбите „Баби“ и „Балканска“.