Македонија
12. јуни 2026 - 16:32

Детонации и пожар од кабли предизвикаа паника во Кисела Вода

Рафални експлозии, оган и густ црн чад ги разбуди утринава станарите во зграда на булеварот Борис Трајковски во Кисела вода. 15 минути пред шест часот се запалиле електрични кабли, пред влезот на зградата а пламенот се проширил на ормарите со броила. За кратко чадот ги наполнил ходниците, па вознемирените станари во паника ја напуштале зградата.

Жителите тврдат дека каблите биле неодамна поставени, до нив секојдневно играле деца, па велат, вистинска среќа е што во изминативе денови не се случила поголема трагедија.

Пожарот го гаселе екипи на противпожарната бригада. Интервенирало едно возило со петмина пожарникари, а гасењето траело 40тина минути. На местото, увид направила и полицијата.

„Денеска околу 5:45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. „Борис Трајковски“ настанал пожар во орман на ЕВН, при што изгореле кабли. Пожарот е изгаснат од бригадата за противпожарна заштита. Се преземаат мерки за утрдување на причините за настанување на пожарот и за расчистување на случајот“, велат од МВР.

На местото пристигнале екипи од електродистрибуција кои веднаш ја исклучиле струјата во целиот реон. Велат дека пожарот не бил предизвикан од куса врска, туку, до огнот дошло од запалена гумена изолација на еден од каблите.

„На терен е констатирано дека од непознати причини е запалена надворешна изолација на кабли кои не биле под напон. Пламенот ги зафатил постоечките ормари што ја напојуваат соседната зграда, по што биле зафатени и нисконапонски кабли кои во тој момент биле под напон“, велат од Електродистрибуција.

После пожарот, во зградата нема струја. Жителите на зградата стравуваат дека е можно да имаат дефекти и на домашните апарати бидејќи, експлозии слушале и во своите станови.