Македонија
16. јуни 2026 - 12:34
Земјоделски експерти - битката за здрава храна почнува од нивата
Во услови на намалено земјоделско производство, интегралната заштита на растенијата е од круцијална важност, бидејќи овозможува ефикасна контрола на болестите, штетниците и плевелите, а истовремено го намалува негативното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето. Интегралната заштита се заснова на комбинација од агротехнички, биолошки, механички и хемиски мерки, при што хемиските средства се користат само кога е неопходно и во препорачани количини. Биолошката заштита се смета за една од најзначајните, која се базира на природни непријатели на штетните организми, особено при оранжериско производство.
- Биолошката контрола не само што ја намалува зависноста од пестициди, туку придонесува за зачувување на билошката разновидност и стабилноста на агро-еко системите. Иако, некогаш делува побавно од хемиската заштита, на долг рок преставува многу поодржливо решение, изјави проф. д-р Билјана Атанасова, Земјоделски факултет, УГД-Штип.
Интегралната заштита не ја исклучува хемиската контрола, туку ја интегрира во поширок систем од мерки.
- Кога постои ризик од значителни економски загуби, употребата на пестицидите е неопходна. Сепак, нивната примена треба да биде базирана на мониторинг, проценка на ризикот и избор на активни материи кои имаат најмало можно влијание на корисните организми и животната средина. Значи се одбираат препарати кои се специфични за штетниците и делуваат само на нив, а притоа нивните природни пријатели не се во опаснот. Ако е потребно повеќекратнои третирање, треба да се води сметка на секое следно третирање да се користат различни активни материи, со цел да се спречи појава на резистентност кај штетниците, како резултат на третман со една иста активна материја, додаде проф. Атанасова
За развој на производството на храна, како стратешка гранка на секоја земја, потребни се млади стручни кадри кои ќе ги применуваат современите научни достигнувања во земјоделието. Во наредниот период се очекува поголема примена на прецизно земјоделство, вештачка интелигенција, автоматизирани системи за мониторинг, со што ќе се овозможи навремено откривање на проблемите и адекватна примена на заштитните мерки.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
