Македонија
16. јуни 2026 - 16:29

Над 60 ученици се фатени како препишувале на државната матура

Шеесеттина матуранти се фатени како препишувале на државната матура.  Ваква е статистиката по само двата екстерни испити – странски јазик и полагањето на мајчин јазик. Најголемиот дел од нив употребиле мобилен телефон којшто е најстрого забранет за време на полагањето на тестовите.

„Оваа година за разлика од минатите каде имавме огромен број на ученици млади во Вибер групи и во телеграм групи, всушност од испитот се отстранети само двата дела и првиот и вториот само 60-тина ученици што значи имаме одличен напредок“, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Тој што решил да препишува, ќе си ги сноси последиците.

„Значи децата кои препишуваат и не го нарушуваат редот имаат можност да полагаат во првата сесија, а тоа е во августовската сесија. Секој еден ученик кој се спротивставувал и правел некаков неред во просторијата и додека му било укажано да го остави телефонот и да го остави текстот затоа што за него полагањето е завршено и реагирал малку бурно и го реметел процесот, нема да може да полага оваа сесија августовска, значи ќе чека догодина“, изјави Даниела Јовчевска Михајловска, директорка на ДИЦ.

Лани 172 деца беа фатени како препишуваат од вкупно 15.003 матуранти. Преходните години состојбите беа уште покатастрофални бидејќи беа формирани Вибер групи од кои матурантите масовно препишуваа. Оваа година за првпат се полагаше три вида матура, државна, државна стручно и државна уметничка.

Учениците имаат уште два предизвици – треба да полагаат и два интерни предмети.

Во меѓувреме, тече уписот на средношколци.

„До овој момент дигитално се одвива уписот и оние кои дигитално го направиле тоа се над 12.400. Очекуваме до крајот на денот да се допополни таа бројка и секако очекуваме, бројката што ќе ја имаме вечер до полноќ да биде допополнета со оние деца кои немаат можност дигитално да ги предадат своите документи“, додаде Јаневска.

Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места, училиштата треба да ја објават на 18 јуни. Второто пријавување во јунскиот уписен рок е на 23 јуни, додека доставувањето на потребната документација до училиштата е на 24 јуни. Третото пријавување е на 20 август.