Партиите со меѓусебни обвинувања – Кој ги брка младите од државата?
Кој ги брка младите од држава? Партиите со меѓусебни обвинувања зошто младите се иселуваат. Од опозициската СДСМ велат дека Мицкоски не исполнил ништо од ветувањата за подобар животен стандард, образование и домување.
„Ветуваа поддршка за образование, домување, претприемништво и конкретни мерки што ќе им помогнат на младите да останат и да ја градат својата иднина дома. По две години, нема ништо од тоа. Ги излажаа младите! Мицкоски им ја украде иднината. Го блокираше европскиот пат на Македонија. Наместо надеж, младите добија неизвесност и изолација. Наместо перспектива, добија разочарување. Затоа денес секој трет млад човек размислува да ја напушти државата“, изјави на денешната прес-конференција Петар Огњеновиќ – СДММ.
Младите се во фокусот на Владата, возвраќаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС го имаше сведено образованието на нула. Младината на СДС, наместо да се занимава со идеи, реформи и решенија за подобра иднина на младите, e заложник на штетните политики на Филипче. Откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи Владата, учебник има за секое дете навремено на почетокот на учебната година. Минатата година, за студентите беа доделени 55.000 ваучери во вредност од 250 евра за набавка на електронски уред“, стои во партиската реакција на владејачката партија.
Годинава МОН за наука вложи најмногу пари досега, 773 милиони денари. Но сепак по објавувањето на буџетските проекции, силна реакција од јавноста и од студентските организации имаше за намалување на средствата за студентски стандард. Според пресметките на студентите, има 7,3 милиони евра помалку за стипендии.
Од друга страна, МОН одговори дека правата на студентите нема да бидат скратени и дека има доволно пари за стипендии.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
