Инспекцијата утврдила повисоки маржи во дел од маркетите, Мицкоски вели дека тоа нема да го толерира
Дел од маркетите ги зголемиле бруто-маржите за два до пет проценти во споредба со лани, покажале контролите на Пазарниот инспекторат. Поради тоа, Владата ќе ги повика на состанок и ќе побара објаснување за поскапувањата.
Премиерот Мицкоски порача дека ваквото зголемување нема да се толерира.
„Да бидам конкретен, со пример. Ако минатата година во јуни месец бруто маржата била 10 проценти, сега е 12 или 15. Тоа се тие дополнителни 2 до 5 проценти и тоа ние нема да го толерираме и многу јасна порака ќе испратиме кон тие. Кога би се намалиле тие 2 до 5 проценти, тогаш практично ние би биле земја со најниска инфлација во Европа во овој момент, иако очекувам стабилизирање на инфлацијата во во јуни месец, многу помала вредност во споредба со со со мај и со со април“, изјави тој.
Се анализираат околу 600 основни производи во 74 групи. Се проверува колкава е заработката на секој чекор – од производителите, преку дистрибутерите, до маркетите. По анализата ќе се знае дали ќе има мерки. Извештајот се очекува за околу еден месец.
Бидејќи инспекторите споредуваат мај годинава со мај лани, Сител направи анализа на синдикалната минимална кошница за истиот период, со фокус на храната и пијалоците.
За оваа ставка во мај годинава биле потребни над 25.400 денари за четиричлено семејство. Тоа е околу 3.000 денари повеќе од лани.
Вкупната кошница за една година е зголемена за околу шест илјади денари.
Во април и храната и инфлацијата биле највисоки оваа година. Во април храната чинела 26.085 денари, а инфлацијата била 5,7 проценти. Во мај и двете малку се намалиле.
Инфлацијата, според Државниот завод за статистика, била најниска во февруари, пред да почне војната на Блискиот Исток.
Минатата недела премиерот Мицкоски на средба со претставници на маркетите рече дека се договориле годишната инфлација да не надмине 3 проценти во јули. Министерот за економија Дурмиши, пак, за деновиве најави состанок и со производителите и со добавувачите.
Колку била инфлацијата во јуни ќе се знае во вторник.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
