Драстично поскапува дизелот
Поскапуваат горивата. Регулаторната комисија ги донесе новите цени. Од полноќ, бензините одат нагоре за денар и пол. Еуросупер БС-95 ќе се продава по 87 денари, а 98-октанскиот ќе чини 89 денари. Литар дизел, пак, поскапува за 5 и пол денари и ќе се точи по 88 денари.
Ова доаѓа откако нафтата на светските берзи минатата недела скокна поради новите тензии на Блискиот Исток.
Од Регулаторна објаснуваат дека „референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,4%, а кај дизелот зголемувањето е во просек за 11%“.
Денеска суровата нафта од типот брент се продава за околу 79 долари за барел.
Премиерот Мицкоски минатата недела рече дека состојбата се следи и ако цените продолжат да растат, Владата повторно ќе активира мерки.
На располагање е намалување на ДДВ-то или кратење на акцизите.
Претходните владини мерки кои беа во сила од март до средината на јуни, ја чинеа државната каса најмалку 24 милиони евра.
Новото поскапување на горивата доаѓа токму во период кога инфлацијата почна да се смирува. Државна статистика измери раст во јуни од 3,4 проценти. За растот на цените ќе се дискутира и на економско социјалниот совет. Седница е закажана за во четврток.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
