Бизнис
18. July 2026 - 16:47

Ново поскапување на горивата од понеделник, Собранието ќе гласа за продолжување на кризната состојба

Од понеделник нов раст на цените на горивата. Премиерот Мицкоски рече дека сè уште нема точна пресметка колкаво ќе биде новото зголемување, но како причини ги посочи повисоките цени на нафтата на светските берзи и курсот на доларот. По последното покачување неделава, кога дизелот поскапе за пет и пол денари, а бензините за денар и пол, Мицкоски најави дека Владата повторно ќе интервенира со намалување на акцизите.

Немаме направено калкулација за покачувањата, ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела. И курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела. Ние како Влада ја продолживме кризната состојба уште три месеци. Цените се такви што сигурно ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива“, изјави Мицкоски.

Од СДСМ реагираат дека граѓаните очекуваат мерки, а Владата не правела ништо за заштита на животниот стандард.

Новото поскапување на бензините ќе донесе и нови поскапи цени на веќе покачените цени на храната. Имаме влада која во сред криза ги остави граѓаните без мерки, на преживување. Мицкоски не сака да слушне ниту за конкретни таргетирани мерки, ниту за 600 евра минимална плата. Едноставно не сака да го заштити животниот стандард“, кажа Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Владината предлог-одлука за продолжување на кризната состојба стигна во Собранието. Пратениците ќе гласаат за неа задутре, по скратена постапка.

Со измената се бара кризната состојба, која истекува на 20 јули, да продолжи до 20 октомври. Владата како причина ги наведува сè уште присутните ризици за снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Според некои проценки, сообраќајот на нафта низ Ормускиот Теснец е намален за 90 отсто, поради што постои опасност од недостиг на нафта на светско ниво и значително зголемување на цените на светските пазари. Овие случувања имаа негативно влијание и врз Република Македонија“, се наведува во образложението.

Кризната состојба беше прогласена на 22 март, а потоа продолжена за уште 90 дена. Во меѓувреме, Владата донесе мерки за ублажување на последиците, како намалување на ДДВ-то и акцизите за горивата.

Надлежните тела, пак, повеќепати ја проценувале состојбата. Последната седница на Групата за процена на ризици и опасности се одржала вчера, кога било оценето дека причините поради кои беше прогласена кризната состојба сè уште постојат и било препорачано нејзино продолжување.

На светските берзи, суровата нафта од типот Брент се искачи над 88 долари по барел, што е највисоко ниво во последниот месец.