Македонија
27. July 2026 - 12:10

Нова надеж за повредените штркови

Невремето што неодамна ја зафати општина Чешиново-Облешево не ги поштеди ниту штрковите. Неколку птици беа повредени, а додека дел од нив закрепнуваат, локалната самоуправа најавува отворање на првиот центар за рехабилитација на штркови во Македонија.

- За дел од популацијата што е на наша територија, а е повредена, да најдеме соодветен згрижувачки центар. Со една личност од Ранковци, која се грижи за нив, имаме одлична комуникација и таа ни е единственото место каде што може да ги оставиме повредените штркови да се рехабилитираат, за подоцна да ги пуштиме во природата, изјави Јорданчо Костадинов, градоначалник на Чешиново-Облешево.

Идејата не е само да се обезбеди простор за лекување, туку и да се изгради систем за згрижување на повредените птици. Во него би биле вклучени и жители на општината кои доброволно ќе се грижат за штрковите додека не закрепнат.

- Прво мора да најдеме волонтери кои сами ќе се пријават да бидат згрижувачи на штркови. За среќа, веќе има луѓе од нашата општина кои веќе имаат згрижено повредени штркови и ги чуваат сè додека тие самите не се подготвени да се справат со предизвиците на природата, додаде Костадинов.

Чешиново-Облешево одамна е препознатливо по големата колонија на бели штркови. Од година во година нивниот број расте, па денес во Кочанското Поле се евидентирани повеќе од 220 гнезда. Од општината очекуваат дека со новиот центар и со помошта на волонтерите ќе се зголемат шансите за спас и враќање на повредените птици во нивниот природен хабитат.