Доајенот на македонското глумиште замина во легендите, почина актерот Гоце Тодоровски
На 75 годишна возраст по долга и тешка борба со здравствените проблеми почина доајенот на македонскиот хумор,актерот Гоце Тодоровски. Еден од најпочитуваните актери во историјата на македонското глумиште ја заврши својата животна кариера.
Веста за заминувањето ја потврди неговата ќерка Сашенка Тодоровска. Во емотивната порака напиша дека Гоце имал огромна желба за живот, но за жал, неговото срце не издржало.
„Уште кога си замина кумац Ванчо, замина и дел од тебе, остана без една половина … Крај. Сега барем знам дека сте заедно, тандем на овој, па и на оној свет“.Со повеќе од четири децении творештво, тој беше заштитно лице и на радиоетерот преку култната емисија „Хихирику“, а преку „Бушава азбука“ и над 250-те епизоди од „Македонските народни приказни“, неговиот лик стана дел од секојдневието на генерации македонски семејства.
Неговата богата кариера започна на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски. Веднаш по дипломирањето во 1978 година, стана член на Драмскиот театар, каде што одигра над 40 легендарни улоги, вклучувајќи го незаборавниот Цанде во „Солунски патрдии“ и Ацко во „Викенд на мртовци“, па сè до неговата последна улога Ставре во „Како да се ограби банка“.
Освен на матичната сцена, зад себе остави повеќе од 60 филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Преспав“ и „Бистра вода“.
Емотивна порака упатија и од неговиот матичен Драмски театар:
Телоп- „За Драмски театар Скопје, Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот. Тој беше дел од идентитетот на театарот и од генерациите што растеа со неговите улоги. Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка. Гоце Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите. Ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност, прецизен актерски ритам, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето.“
За својот непроценлив придонес кон културата, Тодоровски беше одликуван со највисоки државни и уметнички признанија — Орденот за заслуги за Македонија, Државната награда „23 Октомври“ и Наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“.
Комеморацијата во негова чест ќе се одржи на почетокот на новата театарска сезона во Драмскиот театар. Македонија изгуби уметник чиј лик и топла насмевка засекогаш ќе останат дел од колективната меморија.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
