Македонија
27. July 2026 - 16:37

Гостиварци може да ја користат водата како техничка, но не и за пиење

Во водата во Гостивар повеќе нема фекалии, но се уште е небезбедна за пиење. По десетина дена, ова е делумно олеснување за гостиварци кои од денеска водата ќе може да ја користат како техничка, за бањање, миење садови и во домаќинството, но се уште не смеат да ја користат за готвење. Анализите на ЈП Водовод покажале дека во последните мерења нема штетни материи, но не смее да се користи како питка вода.

„Бевме на терен секојдневно, екипите земаа примероци од шест локации во градот од краен потрошувач. Кај сите три дена последователно има отсуство на колиформни бактерии, а со оглед дека е вршено хлорирање со поголема концентрација од вообичаената, не се констатирани ниту трихалометани“.

Од четвртокот почна да се чисти каптажата од каде и се загади водата во Гостивар, се вршеше и хиперхлорирање во дозволените краници и испирање на водоводната мрежа. Очекувањата на надлежните се дека наскоро во Гостивар ќе има и питка вода, но дотогаш ќе продолжи да се носи секојдневно флаширана вода.

Со цел целосна контрола над состојбата, деновиве се проширува мрежата на мерни точки, каде што примероците ќе минуваат низ детални лабораториски проверки. Официјално зелено светло за користење на водата ќе биде дадено дури откако последователните анализи ќе покажат стабилна дезинфекција и континуирано исправни параметри.

Забраната за секакво користење на водата во Гостивар е од 17 јули.