Македонија
30. July 2026 - 16:45

Само Филипче успеа да постави прашање, Села ја блокираше седницата

Од загадената вода во Гостивар, преку животниот стандард на граѓаните, до блокираните евроинтеграции – лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, со низа критики за работата на премиерот Христијан Мицкоски ги отвори последните пратенички прашања пред годишниот одмор.

„Го пуштате министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да зборува за чистење на водата, за хлорирање и хиперхлорирање, а човекот нема капацитет, не знае за тоа, не му е тоа сфера на експертиза. Внимавајте, хиперхлорирање на водата! Носи зголемен ризик од малигни болести. Не си играјте играчки..

Последниот извештај на Европскиот парламент, еден од најлошите досега во оваа смисла, покажува лошо справување со корупцијата, директно влијание на власта врз независното судство. И вие немате никаква реакција на тоа...

Паѓаат во вода приказните за стандардот на граѓаните. Секој ден ви е полна устата дека четврти сме биле во Европа, трети, сега сме први, ама луѓето знаат како живеат. Тие живеат на работ на егзистенцијата. Евростат го потврди тоа: последни сме во Европа по стандардот и по примањата, најниски, на дното.

Кој премиер е крив за овие работи? Јас знам, вие ќе кажете: Венко е крив, СДСМ е крива за сè ова. Меѓутоа, граѓаните знаат дека вие ја сносите одговорноста за сите овие работи. Но, сакам тоа да го слушнам од вас. Кој премиер е крив за сите овие работи во државата?“

Мицкоски возврати со обвинувања кон Филипче и СДСМ, наведувајќи податоци за состојбите во периодот кога тие беа на власт.

„Има луѓе од вашата пратеничка група од Прилеп. Извештај од Центарот за јавно здравје во Прилеп од 1 февруари 2019 до 28 февруари 2019 година, и се однесува за градовите Прилеп, Крушево и Македонски Брод. Самиот извештај вели дека има неисправност на водата поради тоа што имаме бактериолошка неисправност и физичко-хемиска неисправност на примероците. Преземено, ништо..

Јуни 2022 година, влада на СДСМ, ДУИ и уште некои, инфлација 14,7%. Осми во овие дванаесет држави. Јуни 2026 година – 3,4%, трети, заедно со Албанија. Србија има 2,7%, зад нас се Словенија, Црна Гора, БиХ, Грција, Хрватска, Бугарија, Косово, Романија и Турција. Ова се факти.

Околу платите и примањата. Просечната плата во јули 2017 година беше 22.671 денар, а во мај 2024 година 41.252 денари. За 83 месеци влада на СДСМ и ДУИ просечно се зголемувала за 224 денари месечно. Од јули 2024 до мај 2026 година просечната плата порасна од 40.961 на 49.544 денари. За 23 месеци влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ растела во просек по 373 денари месечно. Зборувам за нето-плата, вкупно 66,5% повеќе...“

Прашањето на Филипче беше единственото пратеничко прашање во првиот дел од седницата. Пратениците од Албанска лига, предводена од Зијадин Села, најавија блокада на работата сè додека не биде одговорено на писменото прашање на пратеничката Илире Даути, поднесено пред речиси еден месец. Следуваа десетина процедурални забелешки, а тензичните моменти претседателот на Собранието Африм Гаши ги прекинуваше со паузи.

Со оваа седница Собранието заминува на колективен одмор. За крајот на август и почетокот на септември остануваат законите од областа на високото образование, Законот за правична застапеност, изборот на уште еден уставен судија, Законот за Скопје – Европска престолнина на културата, како и заокружувањето на владината реконструкција со изборот на заменик-министрите.