Македонија
31. July 2026 - 16:28

Македонија во екстремен ризик од пожари – Надлежните предупредуваат на внимателност

Дирекцијата за заштита и спасување апелира за особена внимателност во следните денови, велат, Македонија влегува во фаза на екстремно висок ризик од шумски пожари. Најавените тропски температури, ниската влажност и ветерот, и при најамала невнимателност, може да предизвикаат катастрофа.

Според Ангелов, сите кои ќе предизвикаат пожар, треба да завршат во затвор. Тој вели дека Дирекцијата моментално располага со 40тина специјални возила за гасење пожари на непристапен терен, набавени се нови метли и напратњачи, а формиран е и посебен тим од пензионирани војници и полицајци. 

„Формирана е условно речено една нова единица за заштита и спасување којашто јас ќе ја нарекувам Огнен тим на Дирекцијата за заштита и спасување, и кога овие луѓе ќе дејствуваат со специјалните возила на Дирекцијата, ќе ги нарекуваме Огнени тимови на Дирекцијата. Овие огнени тимови вообичаено ќе бидат составени од посада од две или три лица: еден возач, еден помошник-возач и еден оператор на пумпа. Значи две или три лица ќе сочинуваат еден огнен тим на Дирекцијата. Тие се наменети да помагаат онаму каде што е најкритично“, изјави Стојанче Ангелов, Директор на Дирекција за заштита и спасување. 

Дирекцијата денеска на терен ги покажа можностите на специјалните возила – искачување и спуштање по екстремен терен, начините на гасење и управување со поранешните армиски возила. На располагање се и трите авиони, хеликоптерите на полицијата и еден армиски со ведро кое може да носи до три тони вода. Покрај 900тината професионални пожарникари, според Ангелов, за справување со пожарите на располагање се и членовите на доброволните противпожарни друштва.

„Во текот на летото ние сега можеме да сметаме на најмалку 200 дополнителни пожарникари за гасење на пожари на отворен простор и шумски пожари. Се разбира, командата ја имаат професионалните противпожарни единици. Доброволците помагаат на нив, но навистина јас сум воодушевен од нив. Има неколку многу силни доброволни друштва коишто имаат по пет, шест, седум возила, вклучително и возила за гасење на шумски пожари“, вели Ангелов.

И покрај подобрената механизација и дополнителни сили, надлежните порачуваат дека најважна е личната одговорност на луѓето. Да се воздржат од палење на отворено, да не фрлаат отпушоци и да пријават ако забележат оган или сомнително движење во шума.