Македонија
31. July 2026 - 16:28

Филипче најавува блокада на Законот за Скопје - Европска престолнина, Мицкоски вели ќе има јавна дебата

И покрај тоа што власта најави доработка, опозициската СДСМ најавува блокада на Законот за Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година наесен. Како што објави на брифинг лидерот Филипче, законот е скандалозен и претставува обид да се заобиколат правилата за јавни набавки.

„Таков закон не смее да помине“, коментираше Филипче.

Премиерот Мицкоски, пак, вели дека има многу дезинформации за законот и дека тој само го регулира тоа што е добиено како европски насоки за ваква манифестација. Вели дека, иако номинацијата е од пред 10 години, досега ништо не е направено од претходните влади и градоначалници.

Веднаш откако влезе во собраниска процедура, Законот за проектот што треба да го стави Скопје на европската културна мапа стана спорен за антикорупционерите и граѓанските организации. Тие најмногу забележуваа на тоа дека се формира фондација која нема да има обврска да го применува Законот за јавни набавки.

Проектот се проценува на над 20 милиони евра. Над 95 отсто од тие средства се јавни пари, од буџетот на Владата, Град Скопје и скопските општини. За директор на проектот е назначен Марјан Цветковски, доскорешниот директор на МРТ.

По реакциите на опозицијата и антикорупционерите, Законот беше повлечен од седница, но остана во собраниска процедура. Мицкоски најавува дека следува јавна дебата и доработка на законот со цел да не остане никаков сомнеж во јавноста.

Според најавите на Гаши, пак, веќе е постигната согласност законот да биде донесен со Бадентер, што беше клучна забелешка на албанската опозиција. Тој изрази подготвеност.

Но, освен за овој закон, опозициската СДСМ има реакции и воопшто за работата на Парламентот. Филипче најавува интерпелации во септември и за спикерот Гаши и за министерот Стоиљковиќ поради инцидентот на седницата за реконструкција на Владата.

Пратеничката група на СДСМ ќе даде поддршка и на иницијативата на ДУИ за анкетна комисија за овие настани.