Од полноќ поскапува дизелот, а бензините поевтинуваат
Дизелот поскапува, бензините поевтинуваат – Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, литар бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 91 денар, 98-октанскиот за 93 денари, а дизелот ќе чини 99,5 денари.
Во формирањето на цените, Регулаторна применила дополнително намалување на акцизите. Па така, кај бензините акцизата сега е скратена за 2 денари, а на дизелот за 4.
При пресметката, регулаторите ги анализирале берзанските цени во втората половина на јули.
Без новото спуштање на акцизата, бензините по полноќ ќе се точеа по иста цена како досега, а дизелот ќе надминеше стотка.
Реагираа од опозицијата.
„Дизелот денеска повторно поскапува, трет пат по ред, откако Мицкоски најави намалување на цената. Како што веќе рековме, секогаш кога Мицкоски ќе најави мерки за намалување на цените, веднаш следува ново поскапување. Граѓаните веќе имаат страв од најавите на Мицкоски. Знаат дека ќе поскапи сè, бидејќи со поскапување на дизелот поскапува транспортот, храната и останатите цени“, пишуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Владата успеа да ја зачува сигурноста во снабдувањето со енергенси и да обезбеди едни од најниските цени на горивата во регионот.
„Граѓаните во ниту еден момент не останаа без гориво и не се соочија со ценовен шок. Тоа е резултат на навремени одлуки, добра координација и конкретни мерки кои обезбедија стабилно функционирање на целиот енергетски систем. Воспоставени беа ефикасни механизми за управување со кризни состојби, обезбедени беа стабилен увоз на горива и доволни домашни резерви на енергенси, со што снабдувањето на пазарот се одвиваше непречено во текот на целиот кризен период“, кажа Жан Дрвошанов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Во петок Државна статистика ќе објави колку поскапел животот во јули. Трошоците во јуни годинава, споредено со истиот месец лани, пораснале за 3,4%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
