Тендер за БРТ по години чекање и блокади, граѓаните скептични
По години стоење во место, БРТ конечно тргна – барем на хартија. Град Скопје го распиша тендерот за претквалификација - првиот чекор кон избор на компанија која ќе ја гради трасата на брзиот автобуски превоз. До 2 ноември заинтересираните ќе можат да се пријават. Компаниите кои ќе ги исполнат условите ќе можат да учествуваат во следната фаза од тендерот.
Ова во видео на Фејсбук го објави градоначалникот Ѓорѓиевски, но денеска не одговори на телефонски повици и пораки за повеќе детали.
Од она што досега се знае е дека БРТ треба да има две линии – исток–запад и север–југ, со две депоа во Ново Лисиче и Ѓорче Петров. Предвиден е и паркинг кај депото во Ѓорче Петров, за граѓаните од околните места и оние што доаѓаат од другите градови да можат автомобилите да ги остават таму и да продолжат со БРТ.
Автобусите ќе возат во крајната лента, одвоена од останатиот сообраќај со жардинери. Според планот, треба да пристигнуваат на секои три до четири минути.
Но, прво треба да се изгради трасата. Автобусите нема да бидат дел од овој тендер – нивната набавка ќе биде посебна постапка. Планирани се 40 возила.
Сепак, граѓаните не се убедени дека овојпат ветувањето ќе стане реалност.
- Па добро звучи, ама нема да се оствари. Не верувам. Иначе секако добра работа би било тоа да се направи. Па ова е прво ветување уште, мислам дека уште Шилегов тоа го ветуваше тоа, така да навикнавме на такви работи.
- Па нема абер, дај боже да го направат како што викаат.
- Мислите дека ќе биде готово за брзо време?
- Па зависи, ако имаат пари ќе го направат, ако не – еден убав сончев ден ќе биде.
- Се надевам.
- Мислите дека ќе се нормализира тогаш јавниот транспорт?
- Искрено? Мислам не.
- Зашто?
- Па видете, Балкан е ова. Значи никогаш не си стојат луѓето на зборот, така да само ми останува да се надевам.
За проектот се обезбедени 70 милиони евра од ЕБОР. Кредитот беше одобрен уште во 2021 година, но поради застојот во реализацијата во изминатите пет години платени се околу 2 милиони евра само за камати.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
