Македонија
29. September 2026 - 20:54

Тероризам, киднапирања, оружје - тројца уапсени кои имаат поврзаност со ИСИС

Полицијата разби скопска ќелија на ИСИС, кривични пријави поднесе за три лица кои имале поврзаност со терористичката организација. На чело на мрежата стоел 34 годишник кој живеел во Скопје и бил дел од ИСИС од 2023 година. Главна цел му била ивршување кривични дела во земјава.

Регрутирал млади лица и им всадувал радикални идеи за целите на терористчката организација, а преку нелегални канали на социјалните мрежи ширел радикална пропаганда и набавувал оружје.

За реализација на своите намери, тој се здружил со уште две лица кои имаат 24 и 30 години и заедно формирале група за посредување и неегална трговија со оружје и муниција. Групата се поврзува и со насилство, киднапирање, лихварство.

-Исламско радикалниот елемент е одлика која е взаемна кај повеќето членови на групата, имено истите се идеолошки следбеници на радикални имами кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Воедно, дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот, соопштија од АНБ.

При претресите во Чаир, Сингелиќ и селото Брест, полицијата  откри цел арсенал оружје и опрема што ја потврдуваат опасната дејност на групата. Како доказ за нивната идеолошка матрица беше пронајдено и официјалното знаме на терористичката организација ИСИС.

-Извршени се претреси кај шест лица, на вкупно 12 локации на подрачјето на Град Скопје, при што од слобода се лишени пет лица. При извршените претреси, се пронајдени и одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радио врски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина на електронски уреди,  мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства.

Во текот на претресите е утврдено и неовластено користење на електрична енергија, за копање криптовалути при што се преземаат дополнителни мерки и активности.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал отворија истрага за тројцата уапсени.

Првоосомничениот дека сторил кривично дело Тероризам, а заедно со останатите двајца, осомничени се за неовластено изработување, држење, посредување и тргуување со оружје и експлозивни материи. За тројцата побараа притвор.