Македонија
29. September 2026 - 20:54

Државните енергетски компании се подготвени за претстојната зима

Државните енергетски компании се подготвени за претстојната зима и  не се очекува зголемува на цената на електричната енергија. Хидропотенцијалот е во одлична состојба, има доволно јаглен, а товарот ќе го понесат РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Завршени се ремонтите на два блока во РЕК Битола, а третиот треба да биде завршен во ноември.

Се санира свлечиштето во Суводол. Единствен предизвик би можела да биде цената на гасот поради војната во Заливот, па очекувањата се дека доколку таа заврши до Нова година, стабилизација да има на пролет.

Ова може да се заклучи од денешните изјави на премиерот Мицкоски и првиот човек на ЕСМ, Лазо Узунчев.

-Акентот ќе биде на термото. Значи, двата блока во Битола ќе бидат во погон, да не заборавиме дека РЕК Осломеј веќе на 5-ти ќе биде спремен да го вклучиме на мрежа бидејќи излегува од ремонт. Така што, базната енергетија ќе ја осигураме преку производството од трите блока. Значи, двата во Битола и еден во Кичево. Третиот во Битола ќе биде on demand, по потреба. Значи, ќе биде вклучуван во зависност од периодите на оптовареност на конзумот, вели директоорот на ЕСМ, Љупчо Узунчев.

Цената на струјата нема да порасне, уверува премиерот. Но прашан за најавите за зголемување на опсегот на евтината тарифа, вели дека доколку државата одлучи да го зголеми времетраењето, тоа би важело само за летните месеци.

-Се бориме таа цена да остане иста, јас сум убеден дека ќе остане иста. И да видиме следната година какви се можностите во одредени периоди од годината, кога имаме поголемо производство на енергија од сонце да го продолжиме тој период на евтина тарифа. Така што, во услови кога сите ги зголемуваат цените, кога светот се бори со предизвици за инфлација, ние размислуваме како од овој предизвик да препознаеме шанса и истата шанса да ја преточиме во можност за нашите граѓани, вели Мицкоски.

Ужасно тешка зима за граѓаните. Вакви се очекувањата на опозицијата. Првиот човек на СДСМ, Филипче вели дека власта нема никакво разбирање и дека граѓаните би почувствувале подобруваме само доколку преку мерки цените на горивата бидат намалени за 15 до 20 денари.

-На прво место за мене се интересите на граѓаните. Очекувам да биде уште еден огромен удар, зашто парното е веќе поскапено, ние не знаеме како ќе бидат цените на горивата. Власта не ги слуша нашите апели да се намалат акцизите, да се намали ДДВ-то. Нека се тргнат во процент во кој значајно ќе се намали цената на горивата. Џабе се фали власта дека имаме најниски цени на горивата во регионот, кога нашите граѓани може да купат најмалку литри горива со овие плати и пензии коишто ги имаме, вели Филипче.

Во моментот тече третата фаза на ревитализација на шесте големи хидро електрани.

Со 46 милиони евра треба да се добијат комплетно нови инсталации со обновен и проширен капацитет за речиси 50 гигавати годишно, што би требало да донесат дополнителни 5 милиони евра приходи годишно.