Регионален форум за борба против корупција во организација на Државната ревизија
Корупција во јавниот сектор имало и ќе има, а задача на институциите е да ја доведат на прифатливо ниво. Не постои држава во светот во која нема корупција, но разликата е во тоа колку е распространета.
Еден од најголемите укажувачи на коруптивните дејствија е Државниот завод за ревизија. Нивните конечни извештаи речиси без исклучок откриваат сомнежи за криминал или во најмала рака несовесно работење. Но од нивните Извештаи ретко кога произлегуваат обвниненија. И тоа главно се должи на притисок од јавноста.
Сепак, Државниот ревизор е задоволен од соработката со Јавното обвинителство и Собранието, но посочува дека Извештаите на ДЗР се уште се користат само за вештачење, а не како докази.
-Има една одредена состојба во којашто треба да ја надминеме во наредниот период. А тоа е во делот на она што значи Ревизорскиот извештај да значи основа за поднесена на конечна пријава, а не основа за вештачење од страна на Јавното обвинителство. Бидејќи Јавното обвинителство од добивање на самиот Ревизорски извештај дава наредба за вештачење на утврдените состојби. Мислам дека таа состојба во натамошниот период треба да се надмине од причина што мора да му се даде на самиот Ревизорски извештај третман како доказ на одредени обвинителни активности, вели државниот ревизор, Максим Ацевски.
Во собраниска процедура од крајот на минатиот месец е влезен нов предлог-закон за државна ревизија чија цел е зајакнување на независноста на институцијата. Со него, Јавното обвинителство ќе има обврска да го извести ДЗР за дејствијата кои биле преземени откако до него ќе бидат доставени извештаите.
Предвидени се и казни за институциите доколку не соработуваат со Заводот за ревизија, а Собранието ќе мора да ги разгледува Извештаите и на пленарни седници.
-Јас мислам дека ќе гледаме. Затоа што, прво, најмногу зависи од Комисијата за финансирање и буџет како работно тело коешто е стручно во тој дело. Секогаш кога ќе привлече некој Ревизорски извештај внимание мора да биде разгледуван, а со разгледувањето на пленарна сесија за нас има особено значење бидејќи како пратеници стануваме посвесни за одредени можни девијации, а и даваме дополнителна јавност на државните извештаи на Заводот за ревизија, вели пратненикот Антонио Милошоски.
Борбата против корупцијата е клучна и за бизнисот, но и за интеграцијата во Европската Унија, смета амбасадорот на Шведска во земјава.
-Борбата против корупцијата исто така помага да се обезбеди владеењето на правото и да се зајакне транспарентноста. Затоа е и приоритет за земјите од Западен Балкан и за Северна Македонија. Суштинска е исто така и на патот за приклучување кон Европската Унија за обезбедување на подобра деловна клима и тоа е нешто што граѓаните го очекуваат и го заслужуваат, вели амбасадорот Ола Солстром.
Државната ревизија своите Извештаи ги објавува секој вторник и четврток. Но во последниот период од многуте извештаи, само оние за Клиниката за Онкологија и за Лотарија на Македонија завршија со обвинителни акти.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
