Вештакот на Јованов тврди: „Пулс“ не бил реконструиран, туку само ентериерно уреден
Преуредувањето од магацин во дискотека, не е реконструкција, туку, лесни занаетчиски работи. Ова го тврдеше градежен вештак ангажиран од сопственикот на „Пулс“ во судницата во Идризово откако почна фазата во која обвинетите со свои сведоци и докази ќе го оспоруваат обвинението за пожарот во кој загинаа 63 лица.
Според градежниот вештак Петре Русески, градежните работи со кои се менувал ентериерот, не било реконструкција, како претходно што утврди вештачењето на градежниот факултет направено по барање на Јавното обвинителство.
„Закупецот (Дејан Јованов), не презел градежни активности, туку, презел градежно-занатски работи кои може да се дефинираат како ентериерно уредување на закупениот простор за потребите на идната стопанска дејност. Овие зафати, не може да се именуваат како реконструкција или адаптација“, изјави Петре Русески, вештак ангажиран од Дејан Јованов.
Ваквиот исказ ги налути родителите на загинатите, па откако адвокатката на Јованов побара да нема дофрлувања од јавноста, тие гласно извикуваа дека се оштетени, па на 15 минути беа остранети од судницата. Во изјава пак прашаа кој од сведоците на обвинетите ќе докаже дека пренамената на објектот била законска и дека тој ги исполнувал условите како дискотека.
Судењето денеска беше прекинато отакако Јованов се пожали на влошена здравствена состојба, а тоа го потврдил и присутниот лекарски тим. Следното судење за „Пулс“ е закажано за наредниот четврток.. Во меѓувреме, Јованов ќе излезе од притвор бидејќи задутре истекува едногодишниот притвор по оценка на обвинението.
Тој понуди и гаранција од 200 илајди евра во недвидежен имот за која обвинителството се уште се нема изјаснето.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
