Кoс: ЕК на 6 октомври ќе предложи нови идеи за постепена интеграција во ЕУ
Следната недела Брисел ќе го претстави планот за постепена интеграција. Европската комисија на 6 октомври ќе ги изнесе деталите од планот „повеќе Европа пред членство“, со кој земјите од Западниот Балкан треба да добијат предвремен пристап до придобивките и единствениот пазар на Унијата, изјави денеска еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Сепак според Кос, која се обрати на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, ова не е замена за полноправно членство, затоа испрати и клучна порака за добрососедските односи. Европската Унија нуди заедничка иднина во која конфликтите од минатото губат значење. Интеграцијата во ЕУ е простор за помирување, каде што некогашните непријатели можат да ги залечат раните од минатото, истакна Кос.
- Таму каде што соседите заеднички ќе се соочат со наследството од минатото, старите поделби со текот на времето можат да исчезнат, а тоа е од клучно значење за внатрешната кохезија и општествената стабилност на проширената Европска Унија. Затоа, ајде отворените билатерални прашања да ги решаваме во духот на Берлинскиот процес, преку добрососедски односи, регионална интеграција, меѓусебна доверба и соработка. Да ја искористиме оваа можност за проширување на ЕУ, заради иднината на оваа и на следните генерации.
Според Кос оваа година е рекордна, бидејќи за девет месеци се затворени повеќе поглавја отколку во која било претходна година во последните 25 години. Го пофали напредокот на Црна Гора и Албанија.
Утре во официјална посета во Скопје доаѓа претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајан која ќе има официјални средби со премиерот Мицкоски и претседателката Силјановска Давкова.
Со посетата на шефицата на ЕК се очекува на Македонија да и бидат понудени еконономски придобивки, а пристапот до единствениот европски пазар ќе зависи од тоа дали ќе се воздржи од споделување клучни технологии со ривалски држави. Ова стои во нацрт документот подготвен од главниот советник на фон дер Лајан и креаторот на францускиот предлог, како што објави Политико.
Според планот, додека за Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина се подготвуваат брзи патокази за заклучување на преговорите, Македонија останува во групата со Србија, Косово, БиХ и Турција за кои процесот се одолговлекува со децении. Токму поради стравот дека овие земји би можеле да се дистанцираат од ЕУ и да се свртат кон Русија или Кина, Брисел нуди економски пакет кој ќе ги држи блиску до Унијата додека се уште седат во европската чекална.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
