Македонија
2. October 2026 - 16:37

Четврти интернационален конгрес за студенти по медицина од 15-18 октомври

Дали ВИ ќе ги украде работните места на докторите, ќе оперираат ли роботи наместо хирурзи, зошто е важна трансплантацијата на органи и колку во македонското здравство се имплементираат современите технологии – сите овие прашања ќе бидат теми за обработка на овогодинешниот интернационален конгрес за студенти по медицина.

Од 15-18 октомври, конгресот ќе собере над 350 учесници и 150 реномирани професори.

„Во текот на Конгресот, студентите ќе имаат можност да се стекнат и со практични знаења преку различни работилници што ќе се одржуваат на нашиот факултет. Ќе има работилници за шиење, поставување катетер, како и други основни практични вештини со кои секој студент по медицина треба да биде запознаен. Покрај практичниот дел, ќе имаме и панел-дискусии посветени на актуелни теми од медицината, меѓу кои и дебелината, трансплантацијата, примената на вештачката интелигенција во медицината, како и современите технологии и нивната примена во здравството“, изјави Ана Ќупева, претседателка на Факултетското студентско собрание и претседателка на Конгресот.

Овој конгрес со четиридневна агенда, во Скопје ќе донесе и светски реномирани имиња од областа на медицината. 

„Покрај професорите од нашиот факултет и од другите здравствени установи во нашата држава, особено сме горди што ќе имаме и голем број интернационални професори. Оваа година ќе ни гостуваат професори од Шпанија, Виена, Кореја, како и од Соединетите Американски Држави. Сметаме дека нивното присуство ќе биде од особено значење за студентите, бидејќи ќе им овозможи да слушнат различни перспективи и искуства од медицината во други земји“, додаде Ќупева.

Првиот ден конгресот ќе се одржи во МКЦ, а останатите денови во амфитеатрите на Медицинскиот факултет каде студентите ќе имаат можност да учат од најдобрите во сферата.