Македонија
2. October 2026 - 16:38

ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителството да ја истражи Славјанка Петровска

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство по допрен глас да оформи предмет по вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче во која ја обвини пратеничката од неговата партија, Славјанка Петровска дека склучила за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, и тоа откако Комисијата донела друга одлука.

- Не може да се игнорира овој скандал кој го обелоденува токму Венко Филипче. Тука сме да му помогнеме нему и да побараме токму од Јавното обвинителство, по допрен глас, да реагира и да го сослуша Венко Филипче за, како што самиот обвини, криминалот на Славјанка тежок 37 милиони евра. Го поддржуваме и поттикнуваме Венко Филипче да не молчи и да каже сè што има за Славјанка Петровска. Очекуваме итно и неодложно Јавното обвинителство да отвори предмет и да реагира, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

Петровска, поранешна министерка за одбрана, сега пратеничка од редовите на СДСМ, но дел од Платформата 12:05, која бара реформа на опозициската партија, во изјава за Сител вели дека лидерот на нејзината партија е во координација со ВМРО-ДПМНЕ. Негира дека сторила криминал и бара телевизиско соочување, и со Филипче, и со актуелниот министер за одбрана, Владо Мисајловски.

- Синхронизирано вчера Венко Филипче и Мисајловски, денеска ВМРО-ДПМНЕ со истите тези, со истите напади кон мене. И јас навистина ќе ја поздравам секоја активност што Обвинителството или било која надлежна институција ќе ја има во интерес на расчистување на оваа теза или дилема. Но мислам дека се повеќе и на јавноста и на членството на СДСМ им стана јасно кој е во договор со кого, вели Петровска.

Петровска пред крајот на својот мандат потпиша пакет вреден 250 милиони евра за набавка на осум италијански Леонардо хеликоптери какде дел од долгорочниот план за модернизација на армијата.

Хеликоптерите постепено до 2032 година треба да ги заменат старите Ми-летала од руско производство.

Кога беше потпишан договорот, Петровска објасни дека во цената, освен хеликоптерите, вклучена е и изградба на хангар, обука на пилотите и техничкиот персонал од страна на италијанскиот произведувач.