Директор во Лотарија обвинителството го прогласи за непријателски сведок
Првиот сведок кој требаше да потврди злоупотреби направени од вицепремиерот Груби и екс директорот на Лотарија, обвинителството го прогласи за непријателски сведок. Владо Петковски кој во Лотарија се вработил во 2017 година, а денес е директор за игри на среќа, наместо да ги потврди наводите на обвинението, во судница рече дека не знае дали Груби и Бајрами се познавале, дали се пријатели и дали се среќавале.
Откако не ги доби очекуваните одговори, обвинителот, Александар Давчевски, кажа дека повеќе не може Петковски да го смета за сведок на обвинителството, па продолжи вкрстено да го испрашува.
За него кажа дека и тој бил осомничен и двапати бил повикан на испрашување во Обвинителството. Ниту во вкрстеното испрашување, обвинителството не успеа да добие одговори од сведокот.
Го прашаа дали бил присутен на средба меѓу Перпарим Бајрами и Артан Груби која се одржала на бензинска станица во Карпош, на што сведокот кратко одговори со „Не.“
- Рековте дека не сте биле на состанок меѓу Перпарим Бајрами и Артан Груби, точно ли е дека во 2024 година сте биле на средба на бензинска станица во Карпош каде и тие биле присутни?
Владо Петковски одговори со „Не.“
Сведокот негираше и дека обвинетиот Бајрами пред него изјавил дека не прави ништо во Лотарија без одобрување од Груби.
За одбраната, исказот на сведокот бил потврда дека поранешниот вицепремиер Груби не превзел незаконити дејствија при набавката на терминали за коцкање.
„Исказот на сведокот во целост ја потврди тезата на одбраната конкретно за Артан Груби дека нема преземено никакви противправни дејствија, дека се било согласно закон. Зошто Обвинителството го прогласи за непријателски сведок не ми е јасно, според мене немаше причина“ рече Гоце Ристески, Адвокат на Артан Груби.
За случајот Лотарија во кој обвинетите одговараат за злоупотреба тешка речиси 10 милиони евра, обвинителството понуди седуммина сведоци.
Денешниот сведок кој го прогласија за непријателски, кажа дека набавката на ВЛТ терминали била направена за раст на профитот на друштвото.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
